Се градат нови улици и подземна инфраструктура во населбата „Басарица“

  • Новости

Во приградската населба „Басарица“ започна реализацијата на значаен инфраструктурен проект со кој по децении конечно се решава еден од најголемите проблеми на жителите од овој дел на Делчево.

Деновиве започнаа градежните работи за изградба на дел од улиците „Ветренска“ и „Света Троица“, во должина од околу 200 метри.

Согласно проектот, пред изградбата на улиците ќе биде поставена целосна подземна инфраструктура, односно водоводна, фекална и атмосферска канализација, со што ќе се создадат услови за трајно и квалитетно уредување на овој дел од населбата.

Со реализацијата на проектот се решава долгогодишниот проблем со пристапот до домовите на жителите, кои со години се соочуваа со несоодветна инфраструктура и отежнат пристап.

На почетокот на градежните работи увид изврши градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, кој истакна дека со овој проект се отвора ново поглавје во инфраструктурниот развој на населбата „Басарица“.

„Во Басарица денес не започнуваме само со изградба на улици. Започнуваме со решавање на долгогодишен проблем и создавање услови за поквалитетен живот на жителите. Прво ја градиме инфраструктурата што не се гледа – нова водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација, а потоа и улиците што ќе обезбедат безбеден и соодветен пристап до домовите. Ова е конкретен пример дека рамномерниот развој на Делчево значи инвестиции во секој дел од градот и во секое маало. Не застануваме тука. Продолжуваме посветено да работиме на проекти што решаваат реални проблеми и носат конкретни придобивки за граѓаните. Нашата цел е секоја населба да добива подобри услови за живот и современа инфраструктура“, нагласи Гоцевски.

Работите на подземната инфраструктура ги изведува фирмата „ВОДВАР“ од Скопје, додека изградбата на улиците е обврска на „Гама градба“ од Скопје.

Средствата за реализација на проектот се обезбедени од Буџетот на Општина Делчево.

Shares