Библиотеките од Истокот со заедничка иницијатива за регионална евиденција на црковното книжно наследство

  • Новости

Во организација на Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево, денеска во читалната на библиотеката се одржа трибина на тема „Под сводовите на храмот – црковно книжно наследство на крајниот Исток“, на која учествуваа претставници на библиотеките од Делчево, Берово, Пехчево, Виница, Кочани и Штип.

На трибината присуствуваа и градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски и епископот на Делчевско-каменичката епархија, г. Марко, кои со своето учество го потврдија значењето на соработката меѓу локалните институции, библиотеките и црквата во зачувувањето на духовното и културното наследство.

Во фокусот на дискусијата беше богатството што со децении, па и со векови, се чува во црквите и манастирите во регионот – стари книги, ракописи, богослужбени изданија, летописи, записи и други пишани сведоштва кои откриваат значајни податоци за историјата, духовниот живот и културните традиции на нашите предци.

Учесниците истакнаа дека голем дел од ова наследство сè уште не е доволно истражено и систематски евидентирано, поради што е неопходно да се преземат конкретни чекори за негово документирање и заштита.

Библиотеките од регионот ја препознаа потребата од воспоставување меѓусебна соработка, со цел да се започне процес на истражување и евидентирање на црковното книжно наследство во Источна Македонија. Како можен следен чекор беше посочено изработувањето унифициран образец за евиденција, кој би овозможил систематско собирање податоци и создавање основа за иден заеднички каталог на црковното книжно наследство од овој регион.

Целта не е само да се потврди постоењето на овие вредни материјали, туку тие да бидат препознаени, документирани и зачувани како значаен дел од културниот идентитет и историското паметење на заедницата.

Присуството на градоначалникот Иван Гоцевски ја нагласи важноста на институционалната поддршка за иницијативи што придонесуваат за зачувување на културното наследство, додека учеството на епископот г. Марко овозможи темата да биде разгледана и од духовен и црковен аспект.

Трибината претставува почеток на иницијатива која има потенцијал да прерасне во посериозен регионален библиотечен проект, заснован на истражување, стручна соработка и заедничка грижа за наследството.

Она што е запишано не смее да биде заборавено– Со оваа порака, учесниците ја истакнаа потребата од заедничко дејствување за да се откријат, евидентираат и зачуваат вредните сведоштва што се чуваат во храмовите и манастирите, како трајно богатство за идните генерации.

Од ЈЛБ „Илинден“ – Делчево изразија благодарност до претставниците на библиотеките од регионот за учеството и подготвеноста за соработка, со надеж дека оваа иницијатива ќе добие своја конкретна реализација.

Shares