
Грижи се за себе , провери и не одложувај порачаа денеска жените од Делчево во рамките на настанот организиран по повод Розовиот месец од страна на КЕМ на Општина Делчево и Организација ЖЕНА.
Настанот е посветен на подигнување на свеста за женското здравје, превенцијата и раното откривање на ракот на дојката, грижата за здравјето, навремената превенција и поддршката за секоја жена.
Претседателката на КЕМ, д-р Адријана Илиевска-Велковски, специјалист радиолог, која сподели стручни информации за превенцијата, раните знаци на болеста и значењето на редовните лекарски прегледи.
Изразувам благодарност до Организација ЖЕНА, за соработката и до спонзорите за овој настан Сони текст, хотел Либеро, Панорама. И уште еднаш сакам да го истакнам значењето на превентивните прегледи. Очекувам дека за 2 до 3 месеци во Делчево ќе се инсталира мамографот и во насока на целосна покриеност на пациентките, во договор со директорката на Здравствен дом Делчево, направивме план и за прекувремени прегледи за да одговориме на потребите, бидејќи е многу мала покриеноста на жените со вакви прегледи, рече д-р Илиевска-Велковски.
Розовиот октомври е потсетник дека грижата за сопственото здравје треба да биде приоритет, а информираноста и навремената реакција се важен дел од превенцијата, нагласи градоначалникот Иван Гоцевски кој даде јавна поддршка на настанот.
– Затоа, во оваа прилика сакам да ја потврдам веста дека Делчево добива мамограф. Владата одвои 13.450.000 денари за набавка на мамографот и изразувам благодарност до Владата затоа што го слушна гласот на жените од Делчево и што ја прифати мојата иницијатива и иницијативата на директорката на Здравствениот дом, д-р Георгиевска, за, конечно, во Здравствениот дом во Делчево да се постави и проработи мамограф. Ова е значаен чекор напред за здравствената заштита на жените во нашиот град и регионот, бидејќи овозможува полесен пристап до мамографски прегледи, без потреба пациентките да патуваат во други градови за оваа услуга. Верувам дека со оваа инвестиција ќе придонесеме за поголема достапност на превентивните прегледи, навремено откривање на промените и подобра здравствена заштита на жените. Зашто, кога станува збор за здравјето, навремената реакција е од огромно значење, нагласи Гоцевски.
На настанот со отворено се делеа промотивни флаери, а беше организиран и Розов марш по улиците во центарот на Делчево.



