Ангажирани 25 невработени лица за почисто и поубаво Делчево

  • Новости

Во рамки на Оперативниот план за вработување за 2026 година, преку мерката 5.1 – Јавни работи, во Општина Делчево од 26 октомври до 4 декември 2026 година се ангажирани вкупно 25 невработени лица, кои ќе придонесуваат за уредување и одржување на јавните површини во градот.

Активностите се насочени кон заштита на животната средина и подобрување на хигиената и уреденоста на јавните површини, а ангажираните лица ќе работат на собирање паднати лисја, косење трева и уредување на дрвцата по должината на  булеварот, со што ќе се придонесе за почиста и поуредена животна средина во пресрет на зимскиот период.

Активностите се реализираат во координација со Јавното комунално претпријатие „Брегалница“, со цел ефикасно спроведување на теренските работи и подобрување на изгледот и функционалноста на јавните површини.

Програмата е поддржана со средства од Буџетот на Владата, преку Агенцијата за вработување, како и од Буџетот на Општина Делчево. Ангажираните лица ќе работат по четири часа дневно, со бруто-надоместок од 800 денари за работен ден.

Преку оваа мерка, Општина Делчево истовремено придонесува за подобрување на животната средина, одржување на јавната хигиена и вклучување на невработените лица во активности од јавен интерес. Со заедничка работа и координација на надлежните институции, се создаваат подобри услови за почисто, поуредено и позелено Делчево.

Shares