Започна опремувањето на новата детска градинка во Расадник – инвестиција во најмладите и иднината на Делчево

  • Новости

Во новата детска градинка во населбата Расадник денеска пристигна првиот дел од опремата, со што продолжуваат активностите за ставање во функција на еден од значајните објекти за унапредување на детската заштита во Делчево.

Пристигнатата опрема е наменета за дистрибутивната и млечната кујна, додека во текот на ноември се очекува да биде испорачана и преостанатата опрема, со што објектот ќе биде комплетно опремен и подготвен за следните фази пред започнувањето со работа.

Вкупната вредност на опремата изнесува 3,7 милиони денари, а средствата се обезбедени од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Покрај опремата за кујните, набавката опфаќа мебел, инвентар и дидактички средства неопходни за создавање функционална, безбедна и стимулативна средина во која децата ќе растат, ќе се дружат, ќе учат и ќе ги развиваат своите способности.

Новата детска градинка во Расадник е многу повеќе од нов објект – таа е инвестиција во најмладите, поддршка за семејствата и значаен чекор кон подобрување на квалитетот на живот во Делчево. Со нејзиното отворање ќе се зголемат капацитетите за згрижување на децата од предучилишна возраст, ќе се создадат услови за надминување на проблемот со листата на чекање и ќе им се овозможи на повеќе родители полесно да ги усогласат семејните и работните обврски.

Современиот објект, кој претставува нов архитектонски белег на Делчево, е проектиран да обезбеди капацитет за 130 деца, распоредени во шест воспитни групи за деца на возраст од две до пет години и две јаслени групи. Организациски и функционално, градинката ќе биде дел од постојната Јавна установа „Весели Цветови“, но ќе има услови за самостојно и независно функционирање во секојдневното згрижување на децата.

Со реализацијата на оваа инвестиција, Општина Делчево прави значаен исчекор кон создавање подобри услови за раниот детски развој и предучилишното воспитание. Зголемувањето на капацитетите на детската заштита е важно не само за децата и нивните родители, туку и за идниот развој на заедницата, бидејќи грижата за најмладите и создавањето еднакви можности за нивниот развој се темел на едно посилно и похумано општество.

Shares