Во Делчево и во с. Град денеска се славеше традицијата на производство на слива

  • Новости

Во центарот на селото Град се вареше ракија, се подготвуваше мармалад, а се дегустираа и вкусните производи обогатени со сливи и изложени на продажните штандови во рамките на новото издание на Пијанечките денови на сливата. Во манифестацијата се вклучија  сите образовни институции во Делчево, месната заедница од селото, локални институции, индивидуални производители на ракија, здруженија на граѓани, а учениците од прехранбената насока при  СОУ „М.М. Брицо“ подготвија уникатни специјалитети од сливи и ги споделија тајните на производите со сливи со сите присутни.

Со денешната манифестација сакаме да покажеме дека сме горди на трудот на сливарите, на производство и на традицијата, а нашата визија е „Пијанечките денови на сливата“ да прераснат во многу повеќе од традиционална манифестација, да бидат препознатлив настан што ќе ги поврзува земјоделството и туризмот, традицијата и современите можности, локалните производители и посетителите од целата држава, нагласи во своето обраќање градоначалникот Гоцевски.

-Сакаме оваа манифестација да биде можност за промоција на домашното производство, за размена на искуства, за поддршка на земјоделците и за отворање нови можности за развој на локалната економија. Затоа, упатувам искрена благодарност до сите кои со својот труд, ентузијазам и посветеност придонесуваат за организацијата на оваа манифестација, до нашите производители кои ја чуваат традицијата и до сите граѓани кои се дел од оваа заедничка приказна, истакна Гоцевски.

Инаку, селото Град е едно од најзначајните производствени подрачја на сина слива во Пијанец и затоа манифестацијата годинава се одржува во с. Град, таму каде што традицијата не се раскажува само, туку секојдневно се живее и создава. Но, со оваа манифестација се испраќа уште една важна порака – дека Пијанец има многу повеќе да понуди.

-Го промовираме и туристичкиот потенцијал на селото Град, неговите културно-историски знаменитости и автентичниот селски амбиент. Над селото се издигнува археолошкиот локалитет Градиште, тука е црквата „Свети Ѓорги“, пештерата Коњска Дупка, како најисточна пештера, како и старата селска архитектура. Тоа се вредности што заслужуваат да бидат препознаени, посетени и ставени во функција на туристичката промоција на нашиот крај, порача Гоцевски.

Епитетот највесела ракија, годинава ја заслужи ракијата произведена од Венко Синадинов. Тој доби 8 илјади денари, а 6 илајди денари отидоа кај Атанас Ангеловски.

Од изложеното богатство, Комисијата одлучи наградата за најубаво уреден штанд во знакот на сливата на овогодинешните „Пијанечки денови на сливата“ да ја додели на Штанд од фарма Долнени, г. Кичево и СОУ „М.М. Брицо“ Делчево. Тие добија награди по 3.000 ден.

Онака како што останало од дамнина, со музика и фолклор, беше збогатена манифестацијата. На сцена настапија КУД „Гоце Делчев“, ФГ при НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ и инструменталисти и вокалисти од селото. Годинешната манифестација е во организација на Општина Делчево и НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, месната заедница, локални институции и бизнис-секторот.

Shares