Советот на Општина Делчево го усвои вториот Ребаланс на Буџетот за 2026 година

Советот на Општина Делчево денеска ја одржа 20. седница, на чиј дневен ред се најдоа 13 точки, меѓу кои и Вториот ребаланс на Буџетот на Општина Делчево за 2026 година, измените на развојните програми и повеќе одлуки од значење за функционирањето и развојот на општината.

Советниците го усвоија Вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година, со кој се врши усогласување на планираните приходи и расходи со досегашната реализација, како и прераспределба на средствата согласно новонастанатите потреби и приоритети. Со измените се опфатени основниот буџет, буџетот на дотации и буџетот на донации, при што вкупниот буџет на Општина Делчево се зголемува и изнесува 510.285.286 денари.

Во основниот буџет приходите се зголемуваат за 11.317.705 денари, односно за речиси 5 проценти. Најголемото зголемување е кај капиталните трансфери, во износ од 9.068.060 денари, како резултат на дополнителни анекси со економски оператори за инфраструктурните проекти од вториот повик за капитални дотации на општините за 2025 година, во областа на транспортот и заштитата на животната средина.

На Седницата беше усвоена и измената на Планот на програмите за развој на Општина Делчево за 2026 година, како и Планот на програмите за развој за 2027 година. Во развојниот план за следната година се предвидени девет инфраструктурни проекти, со кои се планира изградба и реконструкција на улици во повеќе делови од градот и населените места, како и уредување на коритото на реката Брегалница.

Меѓу планираните проекти се:

  • Изградба на улиците 5, 6 и 8 во СРЦ Делчево;
  • Изградба на улици во населбата Пролет;
  • Реконструкција на улицата „Индустриска“;
  • Реконструкција на дел од улица во село Звегор;
  • Изградба на краци од улицата „Драмечка“ и улици во населбата Басарица;
  • Реконструкција и изградба на улици во централното градско подрачје, УЕ 2;
  • Изградба на дел од улицата „Видое Смилевски-Бато“, со потпорен ѕид;
  • Реконструкција на дел од улицата „Кочо Рацин“;
  • Регулација на коритото на реката Брегалница во централното градско подрачје, во должина од 320 метри.

Планот на програмите за развој е составен дел на Буџетот на Општина Делчево за 2027 година и претставува основа за планирање на идните инфраструктурни инвестиции.

Советот донесе и Одлука за давање на трајно користење, одржување и заштита на водоводната мрежа во населбата Пролет на Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ – Делчево, со цел обезбедување соодветно управување и одржување на комуналната инфраструктура.

Беше донесена и Одлука за одобрување финансиски средства во висина од 30.000 денари за отстранување на одземени и хаварисани возила кои се наоѓаат во кругот и надвор од кругот на ОВР и ТППЕ Делчево. Со отстранувањето на возилата ќе се овозможи ослободување на пристапот и непречено движење на противпожарните возила и возилата на ОВР Делчево, што е особено важно за навремено и ефикасно интервенирање во итни ситуации.

На седницата беа определени и имињата на шест улици на планината Голак, во рамките на Деталниот урбанистички план „Голак“. Новите имиња се: „Петре Прличко“, „Ѓорги Колозов“, „Јонче Христовски“, „Гоце Арнаудов“, „Ристо Шишков“ и „Васка Илиева“. Со ова се продолжува со процесот на именување и урбано уредување на просторот на Голак, а куќните броеви на улиците ќе ги определи Општина Делчево.

На крајот, советниците донесоа и три одлуки за финансиска поддршка на граѓани за издавање книги, со што се дава поддршка на книжевното творештво и културното изразување.

Со донесените одлуки и усвоените развојни планови, 20. Седница на Советот на Општина Делчево беше насочена кон финансиско усогласување, планирање нови инфраструктурни инвестиции и унапредување на комуналните и другите локални услуги.

Shares