Градоначалникот Гоцевски: Децата и креативните граѓани ќе ја создаваат новогодишната приказна на Делчево

  • Новости

Општина Делчево започнува со нова новогодишна иницијатива со која празничното украсување на градот ќе добие поинаква димензија – наместо готови украси, годинава новогодишниот сјај ќе го создаваат самите делчевци, а во главната улога ќе бидат најмладите.

На денешната прес-конференција, градоначалникот Гоцевски ја најави иницијативата истакнувајќи дека во реализацијата на иницијативата ќе се вклучат сите основни и средни училишта во Делчево, како и детската градинка.

– Новогодишното украсување годинава ќе биде многу повеќе од празнична декорација – ќе биде резултат на детскиот труд, институционалната соработка и заедничката желба Делчево да го дочека празничниот период во поинакво, посебно руво. Децата и учениците, преку својата креативност, фантазија и умешност, ќе изработуваат новогодишни лампиони и украси кои ќе бидат поставени на градските улици и ќе придонесат за создавање топла и празнична атмосфера. Во реализацијата ќе се вклучат и вработените во Општина Делчево и ЈКП „Брегалница“, кои ќе се погрижат за поставувањето на изработените украси и заедничкото разубавување на градот, нагласи Гоцевски.

Со оваа иницијатива, покрај заштедата на значителни средства од општинскиот буџет, кои ќе можат да бидат насочени кон други проекти и потреби на граѓаните, се испраќа и важна порака за заедништво, креативност и грижа за заедничкиот простор.

–Верувам дека кога нешто е создадено од нашите деца, сите ќе чувствуваме поголема одговорност да го чуваме и да го почитуваме. Така, заедно ќе испратиме силна порака дека нашиот град е наш заеднички дом, а неговата убавина е наша заедничка грижа. Ги поканувам сите да ја поддржат оваа иницијатива и заедно да покажеме дека Делчево знае да создава, да соработува и да се обединува околу убави идеи. Да ја дочекаме Новата година во град украсен од нашите деца, од нашите институции и од нашето заедништво. Нека ова биде почеток на една убава традиција со која сите ќе се гордееме, порача Гоцевски.

Целта е оваа иницијатива да прерасне во убава новогодишна традиција, која ќе ги обединува генерациите и ќе потсетува дека најубавите нешта се создаваат заедно.

Shares