
Во Општина Делчево се одржа Конститутивната седница на Општинскиот совет за превенција од детско престапништво, со што започнува воспоставувањето на координиран и системски пристап во превенцијата на појавите на детско престапништво и заштитата на децата и младите.
За претседател на Советот беше избранa Емилија Димитровска, педагог во Центарот за социјални работи, а за секретар Анита Цоневска, граѓанска активистка и правник во Организација ЖЕНА.
На Седницата беа донесени Деловникот за работа и Програмата за работа на Советот, со кои се утврдуваат начинот на функционирање, надлежностите и приоритетните активности на ова тело.
Советот ќе има важна улога во поврзувањето и координацијата на институциите и другите релевантни чинители, со цел навремено препознавање на ризиците, преземање превентивни активности и создавање побезбедна средина за секое дете.
Посебен акцент ќе биде ставен на превентивното делување во областите: Превенција од врсничко и насилство во училишната средина;Превенција од ризични однесувања и зависности; Безбедност на децата во дигиталниот простор; поддршка на семејствата и јакнење на родителските капацитети;Социјална инклузија и поддршка на децата во ризикѐ, и Зајакнување на институционалната соработка и капацитетите на Советот за превенција од детско престапништво.
Превенцијата започнува пред да се појави проблемот. Затоа, грижата за децата и нивната безбедна иднина е заедничка одговорност на институциите, семејството и целата заедница.




