2020 година на инфраструктурата во Делчево

Градоначалникот на Општина Делчево Горан Трајковски на денешната прес-конференција информираше дека во Делчево, 2020 година ќе биде година на инфраструктурна офанзива со која се решаваат децениски проблеми на граѓаните.

-Работиме плански и одговорно и создаваме услови за реализација на проекти кои значат подобар квалитет на животот на граѓаните. Во овие наши цели, Општина Делчево добива значајна и конкретна поддршка од Владата на РСМ. На стартот од оваа година, Делчево од Владата на РСМ преку Меѓународната банка за обнова и развој-Светска банка, а во рамките на Проектот за поврзување локални патишта, за Делчево издвои 791,485 евра или околу 49 милиони денари што се случува за прв пат во историјата на градот да се алоцираат толку средства за патна инфраструктура. Изразуваме голема благодарност до Владата за оваа значајна поддршка и најавуваме изградба и реконструкција на патната инфраструктура во градот и населените места во општината, истакна Трајковски.

Тој потенцираше дека се работи по приоритети.

– Добро ги знаеме проблемите на граѓаните, дел од овие проблеми ги решававме во претходниот период, но во дел од населбите и во 21 век се гази по кал и се живее во прашина. Оваа слика мора да ја промениме и ќе ја промениме, само со планско и одговорно работење и со серизона поддршка и грижа од Владата. Следува изградба и реконструкција на улици во градот и во останатите населени места во Општината, односно ќе интервенираме секаде каде што има потреба, рече Трајковски.

Освен овие средства од Владата,  Трајковски најави и дека Општина Делчево издвојува 12 милиони денари од сопствениот Буџет за изградба и реконструкција на локалната патна инфраструктура, тендерот ќе биде распишан на почетокот од февруари месец. Исто така, тој истакна и дека е во тек тендерот со кој се бара најповолен понудувач за реализација на Проектот за подобрување на општински услуги-МСИП, кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка  со подзаем во износ од 32.252.287 денари за реконструкција на три улици во градот, две постојни и една земјена улица.  Станува збор за улиците „Маршал Тито“, на потегот од касарната до Таушанско маало во должина од 743 метри, потоа улицата „Вера Јоциќ“ над гимназијата „М.М.Брицо“ во должина од 599 метри и улица 7 во населба СРЦ, каде ќе се гради комплетно нова улица во должина од 290 метри.

Трајковски најави дека за 10 месеци с. Разловци ќе добие детска градинка.

-Во оваа прилика сакам да истакнам дека на крајот од минатата година со министерката Царовска потпишавме Договор за градежни активности и адаптација на дел од училишната зграда во с. Разловци за отворање детска градинка и набавка и монтажа на опрема за градинката. Проектот треба да се реализира за 10 месеци, а инвестицијата од Министерството за труд и социјална политика изнесува 4,2 милиони денари, капацитетот на градинката е 20 деца, рече Трајковски и додаде дека новата 2020 година се стартува со конкретни инвестиции во инфраструктура вредни 97 милиони денари.

Shares