Формирани мобилни тимови за помош на сите стари и изнемоштени лица во Општината

Прес-конференција на Градоначалникот Горан Трајковски:

Почитувани сограѓани,
Следејќи ги препораките од Владата на РСМ, а со цел како одговорна општина да излеземе во пресрет на граѓаните на кои им е потребна помош, Општина Делчево, формира мобилни тимови за помош на сите стари и изнемоштени лица во Општината.

За таа цел ги информирам граѓаните дека од утре, понеделник 16.03. , секој граѓанин од наведените категории, кој има потреба од набавка на лекарства, прехранбени производи и средства за хигиена, со цел да не се изложуваат на дополнителен ризик од инфицирање со коронавирус, ќе може телефонски да ги контактираат тимовите, секој работен ден од 08,00 до 18,00 ч. на следните телефонски броеви:
-075 367 927
-075 367 903
Како одговорна Општина, сакаме да помогнеме на нашите сограѓани и уште еднаш апелираме да ги почитувате препораките од Министерството за здравство и Заштитете се останете дома.
Воедно, за да ја сочуваме мирната епидемиолошка состојба, Општина Делчево досега има преземено низа превентивни мерки со цел спречување на појавата и евентуалното ширење на заразата од коронавирусот.

Согласно со препораките од Министерството за здравство, Општината воведе рестриктивни мерки, во смисла укинување на приемните денови, задолжителна дезинфекција на просториите на Општина Делчево, одржан е информативен состанок со претставници од месни и урбани заедници за да се информираат за новиот начин на работа на Општина Делчево и да се олесни комуникацијата со граѓаните и навремено да се одговара на барањата и потребите на граѓаните.
Дезинфекцијата на училиштата и градинката ќе заврши во текот на утрешниот ден, а редовно ќе се мијат и улиците.

Ја користам оваа прилика уште еднаш да апелирам до сите граѓани да го намалат движењето во институциите, освен за итни и неодложни работи, движењето надвор од своите домови да го сведат на минимум, единствено за неодложни и итни потреби.
На сите лица кои биле надвор од територијата на Република Северна Македонија и на граѓаните кои се сомневаат дека имаат симптоми на корона вирус, им се препорачува да се јават на броеви: Ало докторе 02 15 123; Центар за јавно здравје Кочани 071 373 913.

Shares