Врз основа на член 50 став 1 точка 4 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002 и „Сл. весник на РСМ“ бр. 84/20, 202/24), член 22 од Законот за младинско учество и младински политики, а во врска со точка 3 од Правилникот за стандарди на квалитет на младинските центри бр.12-923/1 од 07.04.2021 година на Агенција за млади и спорт, а согласно член 4 од Одлуката за отстапување простор за формирање Младински центар во Општина Делчево („Службен гласник на Општина Делчево“ бр.3/25) и 42 став 1 точка 4 од Статутот на Општина Делчево („Службен гласник на Општина Делчево“ број 15/2013, 2/2019 и 1/2021), Градоначалникот на Општина Делчево објавува
ЈАВЕН ПОВИК
за избор на младинска организација или организација за млади која ќе раководи со Младинскиот центар во Делчево
Се повикуваат сите младински организации и организации за млади кои се регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации („Службен весник на РМ” бр. 52/10, 135/11, 55/16 и „Службен весник на РСМ” бр.239/22) и Законот за младинско учество и младински политики („Службен весник на РСМ”, 10/2020), да поднесат пријава за избор на младинска организација или организација за млади која ќе раководи со Младинскиот центар Делчево.
Во согласност со Законот за младинско учество и младински политики, младинските центри се места каде се подготвуваат и спроведуваат програми кои ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјален и професионален живот на младите, информации од важен интерес за младите и други аспекти од животот на младите.
Младинските центри се основаат во соработка меѓу општините и младинските форми на организирање регулирани во законот.
Со Одлука бр.09-257/1 од 29.01.2025 година донесена на седница на Совет на општина Делчево, Општина Делчево основа Младински центар кој преку јавен повик ќе биде доделен на управување на младинска организација или организација за млади во временски период од 3 години.
Организациите потребно е да достават соодветна Програма за работа на центарот преку која ќе се спроведува системска поддршка на личниот развој на младите луѓе и нивното активно вклучување во животот на заедницата преку
- Неформално образование: обучување и подучување на млади;
- Информирање, менторство, подучување и советување;
- Информално искуствено учење кое се случува во слободно време низ учество во забавни и волонтерски активности организирани за и од млади.
Младинскиот центар во Делчево треба да биде од отворен тип и да им биде достапен на младите најмалку 40 часа неделно, распоредени во најмалку 5 дена.
Заинтересираните организации потребно е да достават:
- Пријава и годишна програма за работа на Младинскиот центар за 2025 година
- Буџет за спроведување на предложената програма за 2025 година
- Портфолио на организацијата која се пријавувана јавниот оглас, во кое јасно се гледа нивниот придонес и работа во сферата на младинската работа
- Биографии на сите лица кои ќе бидат ангажирани во спроведување на годишната програма – квалификувани младински работници врз основа на Националното портфолио за младински работници
- Тековна состојба од Централниот регистар на Република Северна Македонија не постара од шест месеци од организацијата или организациите
Висината на финансиски средства од Буџетот на Општина Делчево за 2025 година е во процентуална вредност од 50% до 70% од потребните средства за реализација на поднесената Програма за работа на Младинскиот центар Делчево, согласно Буџетот на општина Делчево за 2025 година во рамки на Програмата за млади и Програмата за активностите на Општина Делчево за поддршка граѓанскиот сектор.
Градоначалникот на општина Делчево, ќе формира Комисија за разгледување и евалуација на поднесените пријави по Јавниот повик, којашто врз основа на доставената документација за исполнување на критериумите, во рок од 3 (три) дена по завршување на рокот од Јавниот повик, до Градоначалникот ќе достави Мислење со предлог за избор на младинска организација или организација за млади која ќе раководи со Младинскиот центар.
Врз основа на доставеното Мислење од Комисијата за разгледување и евалуација на пријави, Градоначалникот на општина Делчево, ќе донесе Одлука за избор на младинска организација или организација за млади која ќе раководи со Младинскиот центар.
Во рок од 3 (три) дена од донесената Одлука за избор, Градоначалникот на Општина Делчево ќе склучи Договор за управување со Младинскиот центар во периодот од 3(три) година, со младинската организација или организацијата за млади, која ќе биде избрана на овој јавен повик.
Во случај на заедничка пријава од повеќе организации, Договорот ќе биде потпишан со една од организациите (предложена во апликацијата) во име на неформалната група организации.
На огласот имаат право да се пријават младински организации или организации за млади со седиште во општина Делчево кои се регистрирани во Регистарот на младински организации и организации за млади, постојат повеќе од 3 години и работат во полето на младинската работа и младинскиот активизам.
Потполнетите пријави заедно со Програмата и буџетот треба да бидат подготвени во формуларите изработени врз основа на стандардите за квалитет на младинските центри од Правилникот на Агенцијата за млади и спорт.
Пријавите да се достават до Општина Делчево во рок од 10 (десет) дена од објавувањето на јавниот повик во архива или по пошта на адреса: Општина Делчево, ул.Светозар Марковиќ бр.1, Делчево, со назнака ,,Јавен повик за избор на младинска организација или организација за млади која ќе раководи со Младинскиот центар во Делчево “
Некомплетните и ненавремени пријави нема да бидат разгледувани.
ПРИЈАВА-млаиднска-организација
ОПШТИНА ДЕЛЧЕВО
Градоначалник
Горан Трајковски