
Денеска во кабинетот на градоначалникот на Општина Делчево се одржа првата официјална средба на градоначалникот Иван Гоцевски и Неговото преосвештенство, владиката Мaрко, епископ на новоформираната Делчевско-каменичка епархија.
На средбата покрај црковни лица од Епархијата присуствуваа и претседателот на Советот на Општина Делчево, Николчо Стојменовски и заменичката-градоначалник Адријана Велковска-Илиевски.
На средбата се разговараше за приоритетите, активностите и предизвиците на новоформираната Епархија, а владиката Марко го запозна градоначалникот и со состојбата со старите цркви и манастири во регионот, а посебен акцент беше ставен на доизградбата на новиот црковен храм „Св.Кирил и Методиј“, каде е планирана и изградба на седиштето на Епархијата.
Градоначалникот Гоцевски истакна дека со формирањето на првата наша Епархија и назначувањето на владиката Марко, има позитивно издигнување и напредок во духовниот живот во Епархијата и позитивна промоција на Делчево низ православниот свет, како седиште на Епархијата.
– Со искрена чест и во знак на посебна благодарност, денеска на владиката Марко му доделив Благодарница, како симбол за нашата огромна благодарност и скромно признание за неговата возвишена мисија. Како општина, остануваме отворени за соработка и поддршка на нашата Епархија и ветуваме огромна логистика за дооформување на Епархијата со цел нејзино подобро функционирање. Воедно, најавувам отворена соработка со сите верски заедници кои претставуваат важен сегмент во градењето на солидарна, единствена и прогресивна општина, нагласи Гоцевски.
Владиката изрази и големо задоволство од конструктивната средба и од досегашната поддршка на градоначалникот Гоцевски, но и од поддршката на православните верници и нивниот интерес за Епархијата.
-Се надевам дека соработката со Општината ќе продолжи. Уште пред да станете градоначалник изразивте добра волја да помагате и на црквата и на верниците и сега како градоначалник се надевам дека таа соработка уште ќе се продлабочува и ќе добива на интензитет, пред сè, во интерес на граѓаните, истакна владиката Марко.
Делчевско-каменичката епархија е формирана во 2023 година со Одлука на Синодот и е една од 15-те епархии во јурисдикација на МПЦ-ОА. Седиштето на новоформираната епархија е во Делчево со јурисдикција на градовите Делчево и Македонска Каменица заедно со селата во овие општини.



