
Делчевскиот Здравствен дом доби донација- санитетско возило со полна медицинска опрема. Донацијата е од Дирекцијата за заштита и спасување, а лично на Здравствен дом и директорката Билјана Ѓеоргиевска, ја преддаде директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
На настанот на кој присуствуваше и градоначалникот Иван Гоцевски, беше истакнато значењето на донацијата која е и, воопшто, прва донација што Делчево ја добива од Дирекцијата за заштита и спасување.
Гоцевски истакна дека донацијата има значаен придонес за подобрување на здравствените услуги во нашата општина и екипите на Итната помош ќе можат побрзо и поефикасно да реагираат и да спасуваат животи.
-Со цел унапредување на здравствената заштита во нашиот град, како Општина се грижиме од сите аспекти да помогнеме и на здравствените работници, но и на нашите сограѓани. Затоа, вчера и официјално ја предадовме на Здравствениот дом опремата од проектот поврзан со телемедицината -која носи огромен бенефит за повозрасната категорија граѓани, посебно од руралните средини. Сакам да истакнам дека само на ваков начин, секоја институција од свој аспект и заедно можеме да градиме посигурна и похумана заедница, порача Гоцевски.
Директорката Ѓеоргиевска се заблагодари на донацијата и порача дека Итната медицинска помош во Делчево со ова возило ќе има вкупно 5 санитатески возила на располагање и со организираните медицински екипи ќе се придонесе за подобра покриеност на теренот, поефикасна здравствена заштита и побрз транспорт на критичните пациенти до болничките центри.



