Советот на Општина Делчево ја одржа 15 Седница на Советот

Советот на Општина Делчево денеска ја одржа својата 15 Седница на која се расправаше по 33 точки предложени за Дневниот ред. Седницата започна со едноминутно молчење и оддавање почит по повод прераната смрт на поранешниот советник и секретар на ООУ „Ванчо Прке“, Вице Стоиловски.

Советот на Општина Делчево ги стави во мирување подрачните училишта во с. Ѕвегор, с. Габрово, с.Вирче и с. Стамер. На денешната Седница на Советот во Општина Делчево беше донесена Одлука за времен престанокот со работа на Подрачното училиште во с. Габрово и Подрачното училиште во с.Ѕвегор при ООУ „Ванчо Прке“-Делчево, како и Одлука за времен престанок со работа на Подрачното училиште во Стамер и Подрачното училиште во с.Вирче при ООУ „Св.Климент Охридски“-Делчево. Одлуката за времено затворање на училиштата е донесена врз основа на Оптимизацискиот план и анализите направени во соработка со Минситерството за образование и фактот дека има драстично намалување на бројот на ученици и финансиските импликации кои покажуваат дека работата на овие подрачни училишта, годишно ги чинат двете училишта по 5 милиони денари.

На денешната Седница се донесоа и одлуки за согласност за формирање паралелки со помал број ученици во ООУ „Ванчо Прке“и формирање  паралелки со помал број ученици и формирање комбинирани паралелки во ООУ „Св.Климент Охридски“-Делчево;

Советниците дадоа согласност за организирање продолжен престој за ученици од I до III одделение во ООУ „Св. Климент Охридски“ Делчево и Одлука за давање согласност за организирање продолжен престој за ученици од  I одделение во ООУ„ВанчоПрке“ Делчево; Годишен извештај за работа на ООУ „Св.Климент Охридски“-Делчево за 2025/2026; Годишна Програма за работа на ООУ „Св.Климент Охридски“-Делчево за учебната 2026/2027 година; Годишен план за вработување за 2027 година на ООУ „Ванчо Прке“-Делчево; Годишен извештај за работа на ООУ „Ванчо Прке“-Делчево; Одлука за промена на седиште на ЈЛБ „Илинден“-Делчево; Одлука за согласност на Измена на Статутот на ЈЛБ Илинден“-Делчево;  Одлука давање согласност на Одлуката за промена на седиштето на Општинската ЈавнаУстанова Детска градинка  „Весели цветови“-Делчево бр.02-123/10 од 15.08.2026 година; Предлог-Одлука за согласност на измена на Статутот на Општинската Јавна Установа Детска градинка   „Весели цветови“-Делчево; Годишен извештај за работа на ОЈУДГ „Весели цветови“-Делчево за воспитната 2025/2026 година; Годишна Програма за работа на ОЈУДГ Весели цветови“-Делчево за воспитната 2026/2027 година; Годишен план за вработување на ОЈУДГ „Весели цветови“-Делчево за 2027 година; Одлука за давање согласност за формирање на групи со поголем број на деца во ОЈУДГ „Весели Цветови“-Делчево за воспитната 2026/2027 година. Одлука за давање согласност за утврдување на почетокот и завршетокот на работното време во ОЈУДГ „Весели Цветови“-Делчево; Одлука за давање на согласност на Одлуката на Училишен одбор на ООУ „Ванчо Прке“ Делчево за  отуѓување на електронски и електричен отпад; Одлука за финансиска поддршка по барање на Сандра Мицева; Советниците дадоа согласност за вработување на Општина Делчево за 2027 година и на Годишниот план за вработување на ЈКП „Брегалница“-Делчево за 2027 година; Одлука за формирање паралелки со помал број ученици во СОУ „М.М.Брицо“во сектор текстил, кожа и  слични производи-техничар за изработка на облека 4-годишно образование со 10 ученици.

Советот го усвои Тримесечниот извештај за финансиското работење на ЈКП „Брегалница“-Делчево за период 01.01.2026-31.03.2026 година. Спредбената анализа во првиот квартал покажува финансиска загуба на претпријатието од 3.145.053 ден. Приходите се во висина од 14.994.582, додека расходите во висина од 18.139.635 ден. Како што истакна директорката Марија Сумрачка, загубата е резултат на наследените обврски од претходното раководство и наплатата на извршни решенија во висина од 2.281.905 ден.

Советниците дадоа согласност на Одлуката за изменување на Одлуката за утврдување на цени на услуги кои ги врши ЈКП „Брегалница“ Делчево бр.0202-559/4 од 27.07.2026; Согласно со оваа нова Одлука се утврдуваат цени за депонирање отпад на градската депонија:

1.       товарна приколка до 750 кг- 400 ден + ДДВ

2.       комбе————————-—1000 ден +ДДВ

3.       тракторска тура—————1.500 ден. +ДДВ

4.       камионска тура до 5 м3—-2.000 ден + ДДВ

5.       камионска тура над 5 м3—2.500 ден +ДДВ

Советниците дадоа согласност на одлуките за утврдување цена за собирање, транспорт и депонирање на комуналниот цврст отпад во с.Вирче с.Стамер и с. Ѕвегор. Согласно со одлуките цената за собирање, транспорт и депонирање на комуналниот цврст отпад е следна:

1.       Домаќинства-од станбена површина -2,10ден/ м2 ; од дворна површина- 0,10ден/м2;

2.       Правни лица: од површина на деловен простор-4,00 ден/м2; од дворна површина-0,20 ден/м2

3.       Училишта и детски градинки; од површина на работни простории- 3,00 ден/м2; од дворна површина-0,15 ден/м2.

На Седницата беше усвоена Одлуката за продолжување на работното место на угостителските објекти во општина Делчево согласно со која се продолжува работното време на угостителските објекти содржани во член 23 став 1 од Законот за угостителска дејност со времетраење од 2 (два) часа на 7 септември, за време на одржувањето на манифестацијата по повод одбележување годишнина од ослободувањето на Делчево и одбележување годишнина од независноста на Република Северна Македонија.

На Седницата беше донесена и Одлука за престанок на мандат на Горан Димитровски, член на Советот на Општина Делчево по поднесено барање од советникот.

.

Shares