Денови на пијанечкиот мед: Ученици учеа за пчеларството и за делчевскиот мед

  • News

Ученици од ООУ „Ванчо Прке“ од искусни пчелари од Делчево денеска учеа за значењето и улогата на пчеларството, но и за медот произведен од делчевските ливади и шуми како здрава храна.

Настанот е дел од активностите на Здружението „Пијанечка пчела 2“, a во рамките на Деновите на пијанечкиот мед кој се спроведува под мотото „Јади го медот како храна за да не го јадеш како лек“, а сите ученици добија по една тегличка со пијанечки мед.

На настанот присуствуваше и градоначалникот Иван Гоцевски кој посочи дека  востановувањето на оваа манифестација е во насока на зачувување на пчеларската традиција и на подигањето на свеста за значењето на пчеларството во руралниот развој нашето Делчево и регионот.

-Затоа, Општина Делчево даде поддршка за реализација на овој проект кој е во насока на промоција на пијанечкиот мед во општината и надвор од неа. Општина Делчево ќе продолжи да ги поддржува пчеларите преку мерки и активности што ќе овозможат подобри услови за работа, едукација и пласман на домашните производи. Вложувањето во пчеларството е вложување во здрава и сигурна иднина, нагласи Гоцевски.

Како што нагласи претседателот на Здружението, Јованчо Медарски, предавања за пчеларството и за пијанечкиот мед ќе се одржат во сите образовни институции, а саемот на медот ќе се одржи пред велигденските празници.

Shares