Delcevo councilors gave up the lump sums

  • News

На редовната, 38 Седница на Советот, советниците од делчевскиот Совет денеска едногласно ја прифатија Одлуката предложена од претседателот на Советот, Драган Маневски, со која се откажуваат од паушалите за наредните две седници.

Со оваа Одлука  се запира исплатата на надоместокот за присуство на  членовите на Советот на Општина Делчево за првите 2 наредни седници на Советот на Општина Делчево, а Одлуката се однесува на членовите на Советот кои имаат засновано работен однос на неопределено време, а  нема да се применува на членовите на Советот на Општина Делчево кои се невработени. Средствата ќе бидат уплатени на посебна сметка и ќе бидат искористени исклучиво за справување со кризата предизвикана од коронавирус COVID-19.  За потрошените средства и намената за која се потрошени, Општина Делчево треба да достави Извештај до Советот на Општина Делчево.

Претседателот на Советот, Маневски истакна дека советниците во Советот на Општина Делчево се подготвени да се откажат од паушалите и да работат без никаков надомест во интерес на граѓаните и во наредниот период, доколку кризата со оваа зараза продолжи.

-Сакам да потенцирам и да испратам апел до сите партиски чинители дека во ова време на криза, нечовечно е и какво било политичко поентирање, бидејќи во моментов нашите граѓани и нашата држава имаат само еден непријател, а тоа е вирусот Ковид-19. Само заедно, солидарни и без политиканство и задни намери, можеме да ја победиме кризата и со вакви и слични одлуки да помогнемке на нашето општество да заздрави од кризата. Како претстедател на Советот на Општина Делчево, будно и сериозно ја следам состојбата и сакам да изразам јавна благодарност до градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски и службите во Општина Делчево, за одговорното и навременото спроведување на мерките кои во вид на Одлука ги донесовме на Советот, а се со цел спречување на појавата и ширењето на коронавирусот на територијата на Општина Делчево, рече Маневски.

Shares