Совет на Општина Делчево: Угостителските објекти ослободени од комунална такса за користење јавен простор пред објектот за 2021г.

На предлог на градоначалникот Трајковски, советниците на Општина Делчево денеска донесоа Одлука со која се ослободуваат од плаќање комунална такса за користење јавен простор пред угостителски објекти (кафеани, кафулиња, гостилници и слично) и нивните истурени деловни места (бавчи и тераси). Комуналната такса за користење простор пред деловен простор во Општина Делчево е во износ од 7,00 денари. Ослободувањето од плаќање на оваа такса се однесува за 2021 година, а е со цел да им се помогне на фирмите од областа на угостителството кои се едни од најпогодените од пандемијата.

На 53 Седница, се донесе и Одлука за одобрување приоритетен проект во рамки на Вториот проект за подобрување на општинските услуги МСИП за доискористување на преостанати средства по пат на задолжување и кофинансирање што се однесува на проектот „Изградба на дел од улица 3 во централното градско подрачје во Делчево“.  За реализација како приоритет преку средствата кои се преостанати за доискористување од долгорочното домашно задолжување на Општина Делчево согласно Договорот за под-заем склучен со Министерството за финансии во вредност од 32.252.287 денари со ДДВ.

Од овој Договор досега се искористени 26.985.539 денари со ДДВ, а преостанатите средства во износ од 5.266.748 денари со ДДВ се планирани да бидат искористени за реализација на погоре наведениот проект. Согласно утврдената проектантска предмер-пресметка за реализација на овој проект се потребни финансиски средства во износ од 7.963.841,59 денари со ДДВ. Финансиските средства кои се јавуваат како разлика од вкупната вредност за реализација на проектот и сумата која останува од Договорот за под-заем во износ од 2.697.093,59 денари со ДДВ, ќе бидат обезбедени со кофинансирање од страна на Општина Делчево.

Советниците донесоа Одлука за доделување парична награда на најдобрите 10 матуранти во СОУ „М.М.Брицо“. Паричната награда изнесува 20.000 денари за секој ученик. Исто така, се донесе и Одлука за доделување стипендии на ученици прогласени за првенци на генерацијата во општинските училишта за учебната 2020/2021 г. Стипендијата учениците ќе ја добиваат 9 месеци во текот на учебната 2021-2022 во нето- износ 3,000,00 денари месечно за првенецот на генерацијата од СОУ „М.М.Брицо“-Делчево и по 2000,00 денари месечно за првенците на генерацијата од ООУ „Ванчо Прке“ и ООУ „Св.Климент Охридски“-Делчево.  Средствата ќе бидат обезбедени од Буџетот на општина Делчево.

На денешната Седница,  се донесе Одлука со која се даде согласност за формирање групи со поголем број деца во ОЈУДГ „Весели Цветови“-Делчево. Согласно со Измената на здравствените протоколи, зголемувањето ќе биде по 5 деца во група.

Советниците донесоа и Одлука за формирање на Општински совет за превенција на детско престапништво во Општина Делчево кое се основа заради следење на состојбите, подигнување иницијативи за нивно подобрување и развивање програми за вклучување на локалната заедница во превенција на детско престапништво и третманот на деца сторители на дејствија што со закон се предвидени како кривични дела и прекршоци. Општинскиот совет за превенција на детско престапништво брои 9 членови со мандат од 5 години, а негови членови се:

  1. Марија Зенулов – претставник од Подрачната единица на Министерството за внатрешни работи Делчево;
  2. Марија Симова – претставник од Меѓуопштински центар за социјална работа Делчево;
  3. Гордана Петровска– претставник од Совет на родители на СОУ „М.М.Брицо“ Делчево;
  4. Соња Арсовска – претставник од Совет на родители на ООУ „Ванчо Прке“ Делчево;
  5. Ванчо Стојмирски-претставник од Совет на родители на ООУ „Св.Климент Охридски“ Делчево
  6. Анастасија Симовска– претставник од унијата на средношколци;
  7. Бети Толевска– претставник од здруженија и фондации;
  8. Николчо Атанасовски-адвокат, претставник од Адвокатската комора и
  9. Бранко Тричковски-јавен обвинител од Основното јавно обвинителство

На денешната Седница, советниците ги донесоа и: Одлуката за дополнување на Програмата за изработка на подрачјето на Општина Делчево за 2021 година; Одлуката за дополнување на Програмата за поставување на урбана опрема на територијата на град Делчево; Одлука за изменување на Одлуката за организација, делокругот и начинот на извршувањето на задачите на општинската администрација на Општина Делчево, Заклучокот за усвојување на Извештај од спроведена функционална анализа на Општина Делчево.

0Shares
0
Font size
Contrast