Палеонтолошкиот локалитет Стамер излезе од анонимноста

  • News

Уникатниот палеонтолошкиот локалитет Стамер денеска го стави на увид на јавноста богатството од пикерминска фауна откриено во научните истражувања изминатите години со што го доби епитетот за прв заштитен палеонтолошки локалитет во Република Северна Макеоднија. Овде се инвестираше во уредување на локалитетот и изградба на потребна инфраструктура, информативни табли, а поставени се и копии од ископаните фосили на овој локалитет преку Проектот за уредување природни реткости во Општина Делчево. Проектот се реализира во рамки на Програмата за зачувување на природата во РСМ преку проект на Швајцарската агенција за развој и соработка.

Како што истакна Билјана Гаревска од Природонаучниот музеј во Скопје, карактеристични за овој локалитет се пронајдените фосили од жирафа.

-Најкарактеристичен вид кој е пронајден на овој локалитет е Sivatherium Garevskii, кој по пронаоѓањето на овој фосил од жирафа веќе се потврди и тоа ја зголемува уникатноста на овој локалитет. Тоа што го прави најкараткеристичен е дека е прв вид во Европа, меѓутоа го имало во Азија и Африка. Овој вид претставуваше една алка која недостига во тоа да ние ете знаеме дека копната во минатотото биле споени, рече Гаревска. Рударскиот инженер Љубе Митевски од село Стамер кој ги откри првите фосили потврди дека целата приказна почнала со откривање на рогот од жирафа во 2007 година кој вил откриен на неколку метри над селото Стамер.

 Проектот за уредување на Палеонтолошкиот локалитет Стамер, се реализираше под водство на професор Васил Анастасовски од Македонското еколошко друштво" кој истакна дека Македонија заради интересната релјефна структура меѓу европските земји важи за подрачје со многу природни вредности распределни во разни категории и со разни обележја.

 -Од сите овие локалитети Македонија за разлика од околните земји располага со наоѓалишта со пикерминска фауна. Овие наоди уште пред 100 години кога биле откриени првите скелети на праисториски животни кои се слични со денешната фауна во Африка, но тогаш климатските услови, биле други со многу тревни екосистеми и од таму се развила оваа фосилна фауна, рече Анастасовски.

Тим лидерот на Програмата за зачувување на природата, Маријана Шушлевска, посочи дека главната цел на Програмата е да се помогне во зачувување на природните вредности, био и геодиверрзитетот и природата, преку одржливо користење на природните ресурси.

 -Ова е една од многубројните активности кои оваа Програма со посебен фокус на Источно-планскиот регион работи веќе 10 години. Во рамки на програмата досега се поддржаа повеќе активности за прогласување природни реткости кои се случија од Министерството за животна средина и просторно планирање, како главен партнер, покрај Општините од регионот, Македонското еколошко друштво како главен спроведувач на активностите поврзани со биолошката разновидност, Шумарскиот факултет од Скопје, Јавното претпсијатие „Национални шуми“ и ред други партнери, рече Шушлевска.

 Државниот секретар при Министерството за животна средина, Каја Шукова, истакна дека ваквите проекти се одлична можност за туристичката и културно-образовна понуда.

 Треба да ги провмовираме овие вредности, а државата и општините во иднина да обезбедат повеќе средства за истражувања, рече Шукова.

 Реализацијата на овој проект е во функција на развој на туризмот како стратешка цел на Општина Делчево, а освен природната реткост Стамер, во Делчево има уште два локалитети прогласени за природна реткост, Геолошкиот профил Звегор и Киселичка Пештера.

Палеонтолошкиот локалитетот Стамер е откриен во 2007 година со првите откритија на фосили на локалниот жител Љубе Митевски и научната потврда од познатиот палеонтолог проф.д-р Ристо Гаревски.

Shares