Во Делчево одбележан Светскиот ден без автомобили

  • News

Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево го одбележа 22 Септември, Светскиот ден без автомобили изразувајќи јавна благодарност до сите граѓани кои го практикуваат велосипедот како основно превозно средства за да стигнат до своите работни места со што даваат придонес за промоција на велосипедизмот и зачувување на здравата животна средина.

ОСБСП Делчево ги детектираше граѓаните кои го практикуваат велосипедот и со поддршка на полицијата им додели благодарници.

Секоја година на 22 Септември во светот се одбележува Светскиот ден без автомобили ( World car free day) со најразлични активности преку кои се поттикнуваат луѓето да се откажат од автомобилите еден ден и за своите патувања да користат алтернативни начини на превоз, како јавен транспорт, велосипед или пешачење.

Овој ден се одбележува и во рамки на Европската недела на мобилност која е иницирана од страна на Европската комисија и се спроведува како кампрања во периодот од 16 до 22 септември секоја година за подигнување на јавната свест и промоција на чист и одржлив урбан транспорт.  За таа цел и  Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево го одбележа овој ден преку доделување на благодарници на сограѓани кои секојдневно низ годините користат велосипед како превозно средство до своите работни места и со тоа придонесуваат кон промоција на велосипедизмот во нашиот град.

Воедно со поддршка на полицијата беа доделени благодарници за промоција на велосипедизмот и на граѓани кои денеска го користеа велосипедот како превозно средство на сообраќајниците во Делчево.

Зошто велосипед?

Возењето велосипед има бројни придобивки од кои би ги издвоиле здравствените, еколошките и финансиските. За кратките дневни патувања во градовите до 5 км  велосипедот е практично превозно средство со кое побрзо и полесно ќе стигнете до целта на вашето патување.

Велосипедизмот како физичка активност помага во градењето на мускулите, слабеење, спуштање на високиот крвен притисок и зајакнување на срцето. Исто така е докажано и дека помаѓа при намалување на стресот и подобрување на сонот.

Еколошките придобивки кои ги носи велосипедизмот се доста значајни за целото општество. Велосипедот како превозно средство не троши фосилно гориво и со тоа нивото на издувни гасови во воздухот се намалува, што директно влијае на подобрување на квалитетот на воздухот.

Од финансиски аспект изборот помеѓу автомобил и велосипед е очигледен. Купувањето на велосипед чини многу помалку од купувањето на автомобил, а велосипедот не ги сноси тековните трошоци како гориво, регистрација, сервисирање и  осигурување кои ги повлекува автомобилот.

Извор:

https://www.rsbsp.org.mk/rsbsp-idninata-na-odrzhlivata-mobilnost-e-vo-tvoi-race-vozi-velosiped?fbclid=IwAR3wP6g_tY9pzBOl41hBLXmhYHDhCNKncPmOT2V9gEQdGcg7y69HtAePogQ

 

0Shares
0
Font size
Contrast