Трајковски: За прв пат од постоењето, Делчево добива современ градски пазар. Обезбедени средства за доизградба на градскиот пазар

  • News

Од Центарот за развој на Источно-планскиот регион, Општина Делчево доби 13,9 милиони денари за проектот „Градски пазар во Делчево-отворен и затворен дел II фаза“ со што се заокружува финансиската конструкција за целосно завршување на современиот градски пазар во Делчево. Согласно со потпишаниот Договор, обврската на Општина Делчево за доизградба на градскиот пазар е 4,8 милиони денари.

Како што истакна градоначалникот Горан Трајковски, по новогодишните и божиќните празници, Центарот треба да го распише тендерот за избор на најповолен економски оператор за доизградба на градскиот пазар, кој е капитален проект во Делчево и кој ќе биде двигател на локалната економија.

– Од постоењето на Делчево, градот за прв пат добива современ градски пазар. Вкупната вредност на проектот е 35 милиони денари, од нив во првата фаза, 7 милиони денари беа обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој, додека во втората фаза од изградбата, обезбедени се средства од Министерството за локална самоуправа- Биро за регионален развој преку Центарот за развој на ИПР во висина од 13,9 мил. Останатите средства ги обезбедува Општина Делчево, рече Трајковски

Со реализацијата на овој проект, Делчево ќе добие современ градски пазар со целата инфраструктура, каде ќе бидат испочитувани сите критериуми за соодветно чување и продавање на храната и на најразновидната стока, како и соодветен паркинг простор. Градскиот пазар е со површина на  градежна парцела 11.599 м2 и површина за градење  6.944 м2 и содржи продажен простор за земјоделски производи, но и други стоки.

Инаку, во тек е изградба на нова улица која го поврзува новиот пешачки мост и новиот градски пазар со што се решава уште една инфраструктурна потреба која е во насока за заживување на овој дел од централното градско подрачје кое добива нов урбан лик.

Shares