Делчево ја одбележа 78-годишнината од Февруарскиот поход

  • News

Со пригодна свеченост Делчево одбележа 78 години од успешното изведување на Февруарскиот поход кој имал големо политичко и воено значење за текот на НОВ во Македонија.

Поради лошите временски услови и интензивните врнежи од снег, настанот се одвиваше пред споменикот на паднатите борци во центарот на Делчево.

По тој повод делегација од Општина Делчево, предводена од градоначалникот Горан Трајковски, делегација од Советот на Општина Делчево, предводена од претседателот на Советот, Гоце Попов, пратеничката во Собранието на РСМ, Соња Михаиловска, претставници од политички партии, институции, здруженија на граѓани се поклонија и свежо цвеќе положија пред споменикот на паднатите борци во центарот на Делчево.

Членови од КУД „Гоце Делчев“ преку рецитал потсетија на историските факти кои го одбележаа овој стратешки поход изведен во 1944 г. и борбените операции на Третата борбена единица во регионот на Голак, Беласица, Плачковица и Осогово.

Поради лошите временски услови и заради безбедност, беше ограничен и планинарскиот марш до Долни Балван со н.м. од 1030 м. На маршот учествуваа 50-ина младинци од ПСК ГОЛАК.

Во чест на значајниот датум, градоначалникот Трајковски на учесниците на настанот додели благодарници.

Shares