По повод Светскиот ден на здравјето- бесплатни превентивни прегледи во Делчево

  • News

По повод Светскиот ден на здравјето, 7 Април, Комисијата за еднакви можности од Општина Делчево во соработка со ЈЗУ Здравствен дом „Гоце Делчев“ од Делчево организира бесплатни превентивни прегледи за граѓаните на Делчево. За таа цел, пред киносалата во Делчево на 7 април, четврток во периодот од 11ч до 13ч. ќе биде отворен пункт на кој лекар од Здравствениот дом ќе мери крвен притисок и шеќер во крвта, а поддршка во активноста ќе дадат и претставници од Советот на млади на Општина Делчево.

Целта на оваа активност на КЕМ е да се промовираат превентивните прегледи како приоритетни и потребни во системот на грижата за јавното здравје. Превенцијата значи и рано откривање на голем број заболувања, а како најдобар лек за добра здравствена состојба е физичката активност на секој поединец,бидејќи животот е движење.

Физичката активност значително влијае во превенцијата на кардиоваскуларните болести, мозочниот удар, дијабетот, остеоартритис, некои видови рак и респираторни болести. Го регулира крвниот притисок, холестеролот, нивото на шеќер во крвта, ја спречува гојазноста, го подобрува имунитетот, го подобрува расположението и сонот, ја намалува депресијата и анксиозноста.

Shares