Во чест на Делчев: промоција на монографијата „Дејноста на МРО во Пијанец од создавањето до крајот на Илинденското востание“ од делчевецот Спиридон Митевски

  • News

Во чест на годишнината на раѓањето на апостолот на македонската револуционерна ослободителна борба и патронот на Делчево, Гоце Делчев, денеска во организација на ЈЛБ „Илинден“ и Општина Делчево се промовира трудот посветен на Гоце Делчев, а создаван по повод 150 години од неговото раѓање и 120 години од неговото убиство,  од авторот Спиридон Митевски.

Под наслов „Дејноста на МРО во Пијанец од создавањето до крајот на Илинденското востание“, авторот Митевски на 136 страници носи на виделина важни податоци за улогата на МРО и улогата на Гоце Делчев во активностите во Пијанец и Малешевијата и, како што истакна промоторот на книгата, историчарот Ванчо Новоселски, во трудот се помесети и 17 фотографии на учесници и поддржувачи на МРО и две шифрирани писма.

–Ширењето на активностите на МРО во Пијанец, непосредно се поврзува со Гоце Делчев кој прв пат дошол во Пијанец во 1894 преку Илиово со цел формирање селски комитети на организацијата. Во трудот се потврдени селата кои активно биле вклучени во активностите на МРО, личностите кои соработувале со Гоце Делчев и МРО и ја отсликува дејноста на МРО во периодот од создавањето на Организацијата заклучно со крајот на Илинденското всотание, период во кој целосно доаѓа до израз слободарскиот дух на населението во Пијанец, рече Новоселски.

Рецензетот Никола Сарев, м-р по историски науки истакна дека имало многу малку податоци за деталната улога на Гоце Делчев на овој терен, но авторот многу вешто и исцрпно го проучил и обработил во детали тој период од 1893 до 1903.

-Ова дел има голем придонес во историографијата од каде се црпат податоци за периодот и да се потврди колку бил голем Гоце Делчев, но со дела и активности и со подготовка на овој терен и на целото население за револиционерната борба што го чека народот и целите на таа борба. Колегата Спиро вложил голем труд и направил големо дело за сегашните и идните генерации, истакна рецензентот Сарев.

За дејноста на МРО има напишано илјадници дела кај нас и во светот, но за дејноста на МРО во Пијанец се чувствува празнина иако областа била активно вклучена во ослободителната дејност, посочи авторот Митевски и истакна дека во сите населени места во Пијанец, каде Македонците биле мнозинско население се формирани комитети на Организацијата со доста голем број активни членови и помагачи.

Директорката на ЈЛБ „Илинден“, Билјана Петровска, посочи дека книгата содржи многу добри податоци кои треба да се зачуваат од заборавот.

 Како библиотеката се радуваме на секоја нoва книга која е на нашите полици, меѓутоа посебно ни е задоволство кога на полиците на библитеката имаме дело од наш роднокраен автор. Книгата зборува за МРО и борбата на нашето население за слобода, а од денеска ќе биде достапна за сите читатели, посочи Петровска.

Спиридон Митевски е автор на стихозбирката „Пат и немир“ и монографијата „Панчерево“.

Shares