Се санираат штетите од синоќешното невреме во Делчево

  • News

Екипи на ЈКП „Брегалница“ и на ТППЕ Делчево интензивно работат на санирање на штетите од вчерашнпото невреме што го зафати Делчево.

Со механизација и рачно се расчистуваат наносите од земја на коловозите во централното градско подрачје и во реоните, а во моментов стручни лица прават увид на оштетената инфраструктура на коловози и потпорни ѕидови со цел да се пристапи веднаш кон нивна санација.

Градоначалникот Трајковски кој е и утрово на терен истакна дека сите екипи се максимално ангажирани за да се санираат штетите и да се врати градот во нормала.

-Синоќа до доцна во ноќта се испумпуваше вода од домовите, се работеше на санација на наносите, а продолжуваме и денеска. Сакам да ги информирам граѓаните дека и понатаму можат да побараат помош на тел. број 193. Вложуваме максимални напори за да се санираат штетите. Дефектите на водоснабидителниот систем се санирани уште во текот на ноќните часови и водоснабдувањето е нормализирано, така што граѓаните можат да ја користат водата за пиење. Изразувам благодарност до сите граѓани кои ангажирано се вклучија во расчистување на штетите од поплавите, посебно до ТППЕ од Кавадарци, Берово, Кочани, М. Каменица и Пехчево кои синоќа испратија помош во луѓе и опрема и работеа заедно со нас, истакна Трајковски.

За денеска во 12.00ч. Советот на Општина Делчево закажа Вонредна седница поради големите штети предизвикани од невремето кое вчера го зафати Делчево. Како што информираше претседателот на Советот, Гоце Попов на Седницата ќе биде предложена одлука за прогласување елементарна непогода од поплави во Делчево. На Седнцата ќе биде доднесена and одлука за формирање Комисија за проценка на штети, а ќе биде објавен и јавен повик преку кој ќе се информираат граѓаните за постапката за пријавување штети.

Од вчерашното невреме поплавени се десетици приватни домови, институции и фабрики, а оштетени се коловозите на неколку сообраќајници. Најголеми штети се евидентирани во населбите „Пролет“ и „Басарица“, на ул „Царевоселска“, бул. „Македонија“ . Подетални информации за штетите ќе бидат објавени по завршениот увид на терен.

Shares