Се реконструира салата во Спомен-дом АСНОМ

Започнаа градежните работи за реконструкција и санација на спомен-домот АСНОМ. Во моментов се работи на поставување звучна изолација и изградба на санитарни чворови, а согласно со проектот, предвидена е и  рехабилитација на постоечкиот под на фоајето, реконструкција на постоечкиот плафон, нова електрична инсталација и ново осветлување, замена на внатрешните врати, замена на подот на сцената, изградба на помошни простории до сцената со намена за гардероби и просторија за реквизити и машинска просторија за греењето. Исто така, ќе се изгради и пристапна рампа за лица со посебни потреби со што за прв пат ќе се овозможи соодветен пристап за овие лица во салата, а претходно со средства од Општина Делчево е извршена санација на кровот на спомен-домот АСНОМ.

Градоначалникот Трајковски кој направи увид во текот на работите посочи дека од изградбата на домот за прв пат се прави посериозна реконструкција и адаптација на салата со што  Делчево ќе добие сала за одржување настани од областа на културата со сите современи услови кои ги бара културата во 21 век што директно ќе влијае и на збогатување на понудата за љубителите на уметноста.

Во малата сала се одржуваат сите свечености и културни настани во Делчево, но таа максимално се користи и за подготовка и проби на секциите при НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ и Фолклорната група при НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, Пејачката група „Ѓурѓа“, КУД „Гоце Делчев“ Делчево, како и за проби и настапи на ФГ „Копачка“ од с. Драмче и други здруженија кои работат во областа на културата.

Вкупната вредност на работите е 10.587.845 ден, од нив преку Програмата за користење капитални дотации до единиците на локалната самоуправа од областа на културата за 2023 г. преку Министерството за култура се обезбедени средства во висина од 9.623.369,00 денари. Општина Делчево учествува со парични средства во износ од 817.353,00 денари обезбедени од Буџетот на Општина Делчево за 2023 year.

Градежните работи ги изведува ПАНЕЛ-М Мехаз ДООЕЛ Тетово. Работите треба да завршат до крајот на ноември оваа година.

Shares