Започна реконструкцијата на регионалниот пат за с. Габрово

  • News

По 30 години од изградбата, се врши реконструкција и проширување на регионалниот пат кој води с. Габрово. Екипи на ЈП за одржување регионални и магистрални патишта започнаа со градежните работи за реконструкција и проширување на овој пат, а согласно проектот, реконструкцијата предвидува санација и поставување нов асфалт во должина од 1,7 км, поставување банкини и проширување на патот на 5 метри ширина.

Градоначалникот Трајковски денеска направи увид во работите при што истакна дека реализацијата на овој регионален пат е одговор на барањата на жителите од с. Габрово.

-Регионалниот пат за с. Габрово беше во многу лоша состојба и  горлив проблем за жителите повеќе од 30 години. Ме радува фактот што ЈПДП ги слушна нашите барања и одговори конкретно со вредна инвестиција која значи подобар квалитет на животот на жителите од ова село, но и на сите граѓани кои гравитираат на овој дел од Општината. Со реконструкцијата, жителите ќе добијат современа патна инфраструктура што ќе придонесе за поголема безбедност во сообраќајот. Ова е уште еден доказ за нашата посветена работа и доказ дека работиме плански и по приоритети и во интерес на граѓаните, рече Трајковски.

 Реконструкцијата на регионалниот пат за с. Габрово чини 21, 3 милиони денари средства преку Програмата на ЈП, а градежните работи ги извршува ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта.

Градоначалникот Трајковски истакна дека по завршување на работите на овој патен правец, екипите на ЈП за одржување магистрални и регионални патишта ќе продолжат со реконструкцијата на регионалниот пат за с. Разловци со што ќе се дозаврши реконструкцијата на регионалниот пат по целата негова должина, за што се обезбедени 10 милиони денари.

Shares