
Градоначалникот Иван Гоцевски ја назначи д-р Адријана Илиевска- Велковски, член на Советот на Општина Делчево, за заменичка-градоначалник. Таа ќе го заменува градоначалникот во случај на спреченост или отсуство подолго од шест месеци и во сите останати случаи утврдени со закон. Согласно со законските одредби на советничката ќе ѝ мирува функцијата член на Советот за времето додека го заменува градоначалникот.
Илиевска-Велковски е д-р специјалист по рендгенологија и докажан професионалец и член на новоизбраниот Совет на Општина Делчево.
Градоначалникот Гоцевски на средбата со Илиевска-Велковски го потенцираше значењето што Делчево добива жена на оваа функција.
-Тоа има важно симболично, општествено и практично значење во контекст на еднаквите можности и родовата еднаквост. Тоа е еден чекор кон праведно општество, рамноправна демократија и современа локална власт и силна порака дека мажите и жените имаат еднаква улога и одговорност во креирањето и спроведувањето на локалните развојни процеси. Општината продолжува да создава услови за инклузивно, современо и демократско општество, каде стручноста и компетентноста се клучните критериуми за јавна функција, истакна Гоцевски.
Тој додаде дека од заменичката-градоначалник очекува максимална посветеност, одговорност и работа во служба на граѓаните на Делчево.




