
НУ Национален конзерваторски центар распиша тендер за избор на најповолен економски оператор за непосредна заштита: реализација на Основен проект за конзервација и реставрација на Спомен-дом „Разловечко востание“ во с. Разловци. Проектот ќе се спроведува во 5 фази и предвидува конзервација и реставрација на кровот, конзервација на внатрешни и надворешни ѕидови, замена на дотраена столарија со столарија од трајни материјали и термопан стакло, конзервација и реставрација на партерот и на потпорните ѕидови со дренажа.
На средбата со директорот на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, Златко Начовски и градоначалникот Иван Гоцевски беше заклучено дека реализацијата на овој капитален проект од културата во Делчево е од огромно значење, како што е и самото значење на Разловечкото востание, како прво организирано вооружено востание во предилинденскиот период против Отоманската империја во Македонија.
– Како наследници на храбрите востаници, ние имаме обврска да го чуваме овој значаен објект од културата и да ја раскажуваме неговата приказна на сите посетители на Разловци и на новите генерации. Не треба да заборавиме дека Спомен-домот „Разловечко востание“ е значајно и уникатно архитектонско дело на архитектот, проф. д-р Ѓорѓи Константиновски кој во 1980 ја освои и првата награда за архитектонско решение на весникот „Борба“ на ниво на СФРЈ. На директорт Начовски му посакав успешна реализација на овој капитален проект и му порачувам максимално посветено и одговорно да се грижи и да го промовира историското и културното наследство во Делчево. Воедно, изразувам голема благодарност до Владата, Министерството за култура и Националниот конзерваторски центар кои ги препознаа приоритетите за Разловци и Делчево и инвестираа во реализацијата на оваа за значајна инвестиција во Делчево, порача Гоцевски.
За директорот Начовски реконструкцијата на овој значаен објект во село Разловци подразбира доведување во оригиналната архитектонска форма проектирана од македонскиот прочуен архитект Константиновски. Со тоа конечно, селото Разловци, Општина Делчево и нашата држава добива мултифункционален репрезентативен објект кој доликува на историската вредност на Разловечкото востание од 1876 година.
– Со новиот концепт за поврзување на културата и туризмот даваме нова енергија за одржлив развој на овие две јавни дејности во општина Делчево. НУЦК „Никола Јонков Вапцаров” Делчево веќе работи на нова структурирана годишна програма за поддршка и развој на културата и туризмот во Делчево за 2026 година. Горди сме што можеме да ја најавиме интензивната соработка на нашата институција со Градоначалникот на Општина Делчево Иван Гоцевски во интерес на подигање на нивото на културните вредности во јавниот живот во Делчево, нагласи Начовски.




