
Кадровски промени во ЈКП „Брегалница“ и почеток на кампањата „Се бориме за почист дом-Делчево со нула толеранција за отпад“, најави на прес-конференција градоначалникот Иван Гоцевски кој истакна дека планираните системски мерки од Кампањата, ќе се спроведуваат врз основа на итната и неодложна потреба да се исчистат депониите коишто веќе подолг период наназад се присутни низ Општина Длечево, а за кои граѓаните на Делчево и сите населени места со право реагираат подолг период.
– Иако јавната чистота е во надлежност на работата на ЈКП „Брегалница” Делчево, таа не беше одржувана со потребниот интензитет и квалитет изминатиот период. Претпријатието е „фрлено на колена“, во секоја смисла на зборот. Најавувам длабоки кадровски промени и никогаш повеќе нема да се толерира ароганција и неодговорен однос на кој и да е локален функционер, а со тоа и на директор на единственото Јавно претпријатие во Општината. Мора да истакнам дека техничките служби во комуналното претпријатие работат со десеткуван состав, со недостиг на механизација, човечки персонал и финансиски средства за гориво и одржување на транспортните средства, нагласи Гоцевски.
Кампањата е поделена на два дела:
· Прва Фаза- приоритетен период за реализација од 15-ти ноември до 15-ти декември 2025 година и
· Втора Фаза која ќе се спроведува континуирано во период 2026-2029 година
Целта во првата фаза е да се исчистат сите диви депонии на територијата на Општина Делчево и значително да се подобри реализацијата на Оперативниот план на ЈКП „Брегалница” Делчево за
ü прибирање и одлагање на комуналниот смет од домаќинствата и приватните правни субјекти,
ü прибирање и соодветно депонирање габаритен и кабаст инертен отпад од домаќинствата и стопанските субјекти.
Целта на Втората фаза е да создадеме сите заедно одржлив систем за одлагање, прибирање и депонирање на отпадот во соработка на сите надлежни локалн и институции, приватни субјекти, месни и урбани заедници, граѓански организации, како и поединци активисти кои се борат за здрава и чиста животна средина.
Градоначалникот Гоцевски најави и формирање Кризен штаб и ургентна имлементација на Оперативен план за чистење на Општината и упати апел до сите вработени во локалните институции, до сите граѓански организации, приватни компании и граѓански активисти за почиста и здрава животна средина да се вклучат во оваа наша акција.



