Создаваме новогодишна приказна. Започна новогодишното украсување на градот

  • News

Општина Делчево започна со поставување на новогодишното декоративно украсување. Во градскиот парк се поставуваат новогодишните украси и фигури, но и дрвените куќички наменети за угостителска-трговска дејност. Украсувањето се реализира по утврден план и, освен градскиот парк, ќе ги опфати и главните улици низ градот, но посебен акцент се става на централното градско подрачје кое ќе прерасне во главна новогодишна атракција за граѓаните, посебно за најмладите и за посетителите.

Градоначалникот Гоцевски кој го следи поставувањето на новогодишната декорација истакна дека оваа година порано започна поставувањето на новогодишните украси за празничната атмосфера подолго да го осветлува градот посетуван од многу туристи, но пред сè, заради дечињата кои со нетрпение ја очекуваат новогодишната атмосфера.

-Нашиот град го добива новогодишното украсување кое го поставуваме внимателно и одговорно и докажуваме дека градот не е само збир на улици и друга инфраструктура, туку градот дише со нашата енергија, а граѓаните заслужуваат моменти на топлина и во времиња полни со предизвици, постои простор за радост, добрина и убави желби за нов почеток. Ќе бидеме скромни со средствата за украсување и ќе се користат веќе постоечките декорации и светилки, но најавуваме интересна програма која ќе ја комплетира делчевската новогодишна приказна и ќе донесе радост и среќа на најмладите, но и ќе ги испровоцира сите граѓани да поминат убави празнични моменти во градскиот парк, истакна Гоцевски.

Гоцевски апелираше до сите граѓани да бидеме одговорни, да не се оштетуваат декорациите и да се сочуваат, бидејќи тие се нашето општо добро и сите заеднички да придонесеме кон убава и безбедна нова година и заеднички да создаваме убави приказни за нашето Делчево.

Новогодишното украсување на улиците, објектите и домовите, има посебна традиција и порака и го поттикнува позитивното, но и надежта и вербата дека годината што следува ќе испишува убави приказни.

Shares