Педесетина маски се подготвени утре да го изиграат новиот свадбарски танц низ село Ѕвегор, режиран од театарот на отворено- „Ѕвегорска сурова“ и да го избркаат злото и да благословат за сурова-зелена-здрава нова година.
„Ѕвегорска сурова“ е вековен обичај под маски кој во с. Ѕвегор се одржува на самиот ден Василица, на 14 јануари и, вообичаено, привлекува стотици посетители кои ќе посведочат на овој живописен театар, но и на креативните маски – чии предводници се невестата и младоженецот, попот и белаците и бабите. Поради автентичноста на обичајот, етнолозите овој локален обичај под маски го квалификуваат како Пијанечко Вевчани.
Според годинешната програма, суроваскарите ќе тргнат низ селото во раните утрински часови, облечени во рачно изработени маски од природни материјали, придружувани од звуците на тапани и зурли. Тие ќе ги посетуваат домовите на мештаните, изведувајќи ритуали со кои се благословува секое семејство за успешна и родна година. Централниот дел од манифестацијата ќе се одржи во попладневните часови, кога на главната селска улица и пред селскиот дом ќе се одржи дефиле и претставување на маските, по што следува заедничка прослава со избор на кум и старешина за наредната година.
Општина Делчево и Организацискиот одбор на манифестацијата упатуваат отворена покана до сите љубители на традицијата и фолклорот да присуствуваат и да бидат дел од „Ѕвегорска Сурова 2026“, како една од најзначајните културни манифестации во овој дел од Македонија.
Главен покровител на манифестацијата е Општина Делчево и градоначалникот Иван Гоцевски.




