Се подготвува отворањето на Младинскиот центар во Делчево

  • News

Младите од Делчево наскоро ќе го добијат својот Младински центар кој претставува сервис за млади со мисија да ги обедини, да ги мотивира, но и да им даде можност на младите во Делчево. Во моментов се подготвува и се уредува просторот во зградата на старото собрание кој на предлог на градоначалникот Гоцевски и по донесената Одлука на Советот на Општина Делчево, беше даден на користење за потребите на Младинскиот центар.

Денеска увид во подготовката на Младинскиот центар направи градоначалникот Иван Гоцевски кој изрази задоволство од експедитивноста на службите за опремување и уредување на Центарот.

-Ме радува фактот што докажуваме дека од зборови преминуваме на дела. Конкретно, за Младинскиот центар за краток период го решивме просторното прашање и еве, сведоци сме дека при крај е опремувањето на Центарот кој ќе ја поттикнува младинската енергија, идеите и креативноста на младите во Делчево и ќе создава одговорни млади и активни во носењето одлуки. Овој простор е создаден за младите и најавувам отворена поддршка за младите, за нивните идеи и иницијативи, нагласи Гоцевски.

Младинскиот центар ќе биде простор кој се создава за младите да се поврзуваат и да ги претвораат своите идеи во реални промени. Центарот ќе работи како отворен инклузивен простор и ќе биде достапен за сите млади со цел да се поттикне нивната активност, вмрежување и учество во општествениот живот. Воедно, овде младите ќе можат да добиваат информации и поддршка, да учествуваат во едукативни, културни и креативни активности, работилници, обуки, младински иницијативи, како и да ги развиваат своите идеи и вештини.

Инаку, согласно со одредбите од Законот за младинско учество и по објавениот Јавен повик, Организација ЖЕНА Делчево е избрана да раководи со Младинскиот центар Делчево, а обврската на Општина Делчево е да обезбеди средства од Буџетот на Општината за функционирањето на Младинскиот центар. 

Shares