Доделени две парични награди за постигнати високи резултати на државни натпревари

  • News

Градоначалникот Гоцевски додели две парични награди на ученици од 4-та година од СОУ „М.М.Брицо“кои постигнале високи резултати на државни натпревари. Ученикот Лука Стоименовски кој освои второ место на државен натпревар по италијански јазик доби парична награда од 10.000 денари, додека Ива Цонева, за освоеното второ место на државниот натпревар по географија доби парична награда од Општина Делчево во износ од 10.000 денари.

Овие постигнати резултати беа и повод за средба на градоначалникот со наградените ученици и со директорката Марина Синадиновски на која се разговараше за предизвиците во средношколското образование, за условите за работа во делчевската гимназија, но се разменија и предлози како да се постигнуваат подобри резултати во образованието.

За Гоцевски, доделувањето на паричните награди од Општина Делчево е една од мерките со кои Општината сака да го награди успехот на талентираните ученици.

-Исклучиво го ценам секој постигнат резултат и секој постигнат успех во образовниот процес на секој еден наш ученик. Успехот на поединецот нè прави горди и докажува дека во Делчево има квалитетно образоваие. На Лука и Ива им ги честитам наградите и посакувам да постигнуваат уште поголеми резултати во иднина. Нивниот пример да го следат сите ученици. Образованието како процес е предизвик, кој бара големи вложувања, но Делчево има талентирани деца кои освојуваат победи на скоро сите натпревари со кои Делчево се гордее и сака да ги награди и да ги поттикне да одат напред кон уште поголеми победи, истакна Гоцевски.

Буџетот на Програмата за образование за 2026 година на Општина Делчево е поголем за 250.000 денари, средства наменети исклучиво за поддршка на талентирани ученици и студенти во Делчево. За оваа 2026 година општинските стипендии и награди пораснаа од 500 до 1.000 денари, додека првенците на генерацијата ќе добиваат еднократна парична награда. Јавниот конкурс за доделување општински стипендии ќе биде распишан во текот на овој месец.

Shares