Советот на Општина Делчево со осуда за ширењето невистини за наводна „фабрика за стерилизација на медицински отпад“ Градоначалникот Гоцевски со остра реакција против невистините што се шират во јавноста од советникот на Левица

  • News

Советот на Општина Делчево на денешната Седница со Заклучок кој беше ставен на Седницата на барање на градоначалникот Гоцевски, го осуди ширењето континуирани лаги и инсинуации и континуирани обиди за ширење паника кај граѓаните на Општина Делчево, а во врска со намерата на одреден деловен субјект за воспоставување постојка за стерилизација на медицински отпад.

Во Заклучокот се нагласува и дека:

2. Советот на Општина Делчево констатира дека ваквите дезинформации се шират свесно и континуирано, со цел создавање паника и чувство на несигурност кај граѓаните, што директно ја нарушува стабилноста и спокојството во локалната заедница и претставува нарушување на бизнис климата во Делчево;

 

3. Се утврдува дека со овој Заклучок се става крај на сите штекулации, дезинформации и лажни сценарија поврзани со наводно воспоставување постојка за стерилизација на медицински отпад на територијата на Општина Делчево;

 

4.Овој Заклучок е јасна порака до граѓаните дека Советот на Општина Делчево и Општина Делчево стојат цврсто во заштитата на здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина во општина Делчево;

5. Со цел целосна транспарентност и навремено информирање на јавноста, овој Заклучок ќе биде објавен на официјалната интернет страница на Општина Делчево, како и преку останатите официјални канали за комуникација на општината, заради целосно и точно запознавање на граѓаните со нивната содржина и со ставовите на Советот на Општина Делчево.

Пред усвојувањето на Заклучокот, градоначалникот Гоцевски во своето образложение остро се спротивстави на обидите на советникот Тони Стаменковски од политичката Партија Левица: да го руши угледот на Општина Делчево, да наштетува на стопанството и бизнис- климата во Општината, да шири несигурност и паника кај граѓаните на Делчево со крајна штета за цела општина.

 

-Додека сум јас градоначалник на Општина Делчево нема да дозволам во Делчево да се направи каков било преработувачки погон што е против законот и против здравјето и безбедноста на граѓаните на општина Делчево. Тоа е кажано повеќе пати од моја страна во директна комуникација со советникот Тони Стаменковски од Левица и беше изнесено повеќе пати во јавноста. По моја директна насока, а во широка соработка со бизнис- секторот во Делчево по долги плански активности и координација на сите надлежни органи, дадовме насоки за бришење на сите градежни парцели со намена Г1- тешка и загадувачка индустрија во рамки на постапката за донесување на новиот ГУП Делчево, нагласи Гоцевски.

Гоцевски истакна дека пред една година до Општина Делчево, Министерството за животна средина и просторно планирање, согласно со закон, има поднесено Барање за мислење во врска со НАМЕРА за иницијатива за воспоставување постојка за стерелизација на медицински отпад, а Општина Делчево експресно НЕГАТИВНО ОДГОВОРИЛА по однос на ова барање со аргументи и потпишани од пет службени лица и поранешниот градоначалник- зошто се издава НЕГАТИВНО мислење.

 

-И покрај сите овие аргиументи кои се јавно достапни, во недостиг на реална политичка понуда советникот на Левица, иако ја книжи 5-тата година во нашиот Совет, не може да се одлепи од политичкото дно и кал во која се наоѓа неговата фејбук партија, па на ваков начин со ширење општа паника во јавноста сака политички да профитира преку ширење на манипулации во јавност, посочи Гоцевски.

 

Градоначалникот нагласи дека „во Делчево ќе се развива пазарна зелена економија, сервиси, услужни дејности и трговија, согласно закон, што како матрица можеби е несвојствено за левичарски ум кој сонува за некаква имагинарна револуција базирана на лаги и манипулации, во која несомнено сакаат преку вакви постапки да ја втурнат целата локална заедница“.

-Нашиот пристап за развој на Делчево е пристап на економска одржливост и предвидловост на стопанството, со многу работа и знаење, заедно со сите граѓани да изградиме подобар стандард за живеење во нашата општина, порача Гоцевски.

Shares