КАМПАЊИ ЗА БЕЗБЕДНОСТ ВО СООБРАЌАЈОТ ПОСВЕТЕНИ НА ДЕЦАТА И МЛАДИТЕ

  • News

Со сообраќајно едукативно предавање во ООУ „Ванчо Прке“ започна овогодинешната реализација на „Кампањата за безбедност на децата во сообраќајот“ организирана од РСБСП преку ОСБСП Делчево, МВР ОВР Делчево и МВР РЦГР – Исток под мотото „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“. Целта на овие предавања за децата од основното образование е безбедно учество во сообраќајот и сообраќајна едукација на децата преку запознавање со правилата и прописите за одговорно учество во сообраќајот како пешаци, велосипедисти и патници, посебно важни за нивната возраст. Учениците учеа: поминување  пешачки премин, движење по улица или пат надвор од населено место, поминување  улица/пат каде нема обележан пешачки премин, користење сигурносен појас во возилото итн.

Со матурантите од СОУ „Методи Митевски- Брицо“ беше одржано превентивно предавање во рамки на националната кампања „На матурска прослава без автомобил“, преку кое на матурантите им беше укажано за одговорно учество во сообраќајот без употреба на алкохол со порака дека секој живот е важен и бесценет. На ова предавање тие беа запознаени со важноста од одговорно однесување, како и со последиците од непочитување на законските прописи од областа на сообраќајот и од областа на јавниот ред и мир.

Овие кампањи се дел од превентивните активности предвидени и во Годишната програма за работа на ОСБСП Делчево и Акцискиот план на Стратегијата за безбедност на патиштата Делчево 2023-2027, а имаат за цел да ја унапредат безбедноста на децата и младите како учесници во сообраќајот.

Во Општина Делчево согласно со анализата на податоците за сообраќајни незгоди за 2025 година се забележува дека има учесници – деца од старосната категорија од 0 до 14 години кои чинат 3% од вкупниот број лица. Старосните категории каде се вклучени младите лица (0-14 и 15-24) чинат 20% од вкупниот број лица кои учествувале во сообраќајни незгоди.

За периодот што претстои, од страна на ОСБСП Делчево се апелира до возачите на делот од патот или улицата каде се движат деца или се поставени сообраќајни знаци за учество на деца во сообраќајот, да возат со особена претпазливост и прилагодена брзина за запирање на возилото во случај на потреба!

Shares