
Советот на Општина Делчево денеска одржа Свечена седница посветена на воспоставената соработка на Општина Делчево со италијанските општини Новело, Монфорте д’Алба и Родино, а на Седницата, Делчево донесе Одлука за воспоставување соработка и со четврта општина од Република Италија, Општината Рикалдоне со што Делчево го проширува семејството пријатели во Европа со уште една италијанска општина.
На Свечената седница покрај градоначалникот Иван Гоцевски, присуствуваа градоначалници и претставници од општините Новело, Монфорте д’Алба и Родино од Италија, претставници од институции и заинтересирани граѓани.
За значењето на чинот на збратимување говореше претседателот на Советот, Николчо Стојменовски, кој ја потенцираше досегашната работа на Советот и потсети дека овој Совет, во досегашниот мандат има донесено одлуки за збратимување со 3 општини од Република Италија (Новело, Монфорте д’ Алба и Родино ).
-Збратимувањето меѓу општините не е само формален чин или потпис на документ. Тоа е искрена определба за долгорочна соработка, размена на искуства и заедничко создавање нови можности. Преку ваквите партнерства се отвораат врати за соработка во образованието, културата, спортот, туризмот, локалниот економски развој, заштитата на животната средина и многу други области што директно го подобруваат квалитетот на животот на нашите граѓани. За нас, како Општина Делчево, секое партнерство претставува можност да учиме едни од други, да ги споделуваме добрите практики и заеднички да ги надминуваме предизвиците. Различностите не треба да нè разделуваат – тие се богатство што нè зближува и нè поттикнува да градиме подобра иднина. Нека денешниот настан биде уште еден чекор кон продлабочување на нашата соработка и потврда дека заедничките вредности – мирот, солидарноста, почитувањето и пријателството – се најсилната основа за напредок, нагласи Стојменовски.
За градоначалникот Гоцевски присуство на делегациите од општините од Италија е силна потврда дека европските вредности започнуваат од локалните заедници-преку меѓусебно почитување, дијалог и подготвеност да учиме едни од други.
-Нашите општини ги поврзува многу повеќе од официјалните потписи на документите. Нас нè поврзуваат луѓето семејствата, иселениците, кои со години живеат и работат во Италија. Сепак, за нас, најголема вредност дава фактот дека Делчево не ги заборава своите луѓе во странство. Нивната енергија, љубовта кон родниот крај и желбата да останат поврзани со Делчево се силен мотив да продолжиме да градиме политики кои ќе ја зајакнат врската со дијаспората. Дозволете ми, искрено да се заблагодарам на сите кои придонесоа оваа соработка да стане реалност. Нека биде ова почеток на едно искрено и долго пријателство, нагласи Гоцевски.
На седницата се обратија и гостите од Италија кои изразија задоволство од соработката и новото партнерство со Делчево.
По завршувањето на Свечената седница, беше потпишан Меморандум/Договор за збратимување на Општина Делчево со општините Новело, Монфорте д’ Алба и Родино, Република Италија.



