Градоначалникот Трајковски во посета на образовните институции

Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, денеска ги посети трите образовни институции во градот со цел да се запознае со организираноста и функционалноста на училиштата во првата недела од почетокот на учебната 2020/21 година.

Во текот на посетата и за време на средбите со директорите на училиштата се разговараше за реализацијата на онлајн наставата, предизвиците со кои се соочуваат училиштата, но и за наставата со физичко присуство и почитувањето на алгоритмите и постапката за евентуална изолација на заболен ученик.

Градоначалникот Трајковски изрази задоволство од организираноста на училиштата, навремената подготовка на наставниот кадар за користење на апликациите за изведување онлајн настава, како и од примената на протоколите за изведување настава со физичко присуство.

– Училиштата мора да бидат подготвени и да постапуваат согласно насоките добиени од МОН и здравствените власти. Како Општина правиме сѐ што можеме за да обезбедиме непречен и безбеден воспитно -образовен процес. Засега, наставата во Делчево се одвива без поголеми проблеми и сите проеблеми кои се јавуваат од техничка природа, се решаваат навремено.  Сепак, бидејќи се работи за здравствена криза и пандемија која се заканува на здравјето на секој поединец, уште еднаш ги повикувам и наставниците и учениците и родителите крајно сериозно да ги сфатат мерките за заштита од ковид 19, но и да бидат одговорни и да вложат максимални напори за непречено одвивање на наставата, рече Трајковски.

Во Делчево од 1461 ученик, 425 следат настава со физичко присуство.

0Shares
0
Големина на фонт
Контраст