Градоначалникот Трајковски со порака -Интеграција на лицата со попреченост

Општина Делчево во партнерство со ЗГ „Бравура кооператива“, а во рамките на одобрениот проект од МТСП, како дел од програмата за воведување социјални услуги за ранливите категории, ќе го реализира проектот „Клуб за социјална инклузија за лица со посебни потреби“. Како што истакна градоначалникот Горан Трајковски промовирајќи ги заложбите на Општина Делчево за интеграција на овие лица во општеството и по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, во текот на овој месец, ќе биде потпишан договорот со МТСП по што ќе отпочнат активностите преку кои се остварува целта да се подобри квалитетот на живеење на лицата со посебни потреби во Општина Делчево, преку  развој и унапредување на нови алтернативни форми на социјални  услуги.

– Проектот e дизајниран за имплементација на 6 програми за лица со посебни потреби и значи организирана форма на услуга за рехабилитација, професионална ориентација и социјализација, во рамките на Дневниот центар за лица со посебни потреби Делчево. Главна цел на проектот е  да се подобри квалитетот на живеење на лицата со посебни потреби во Општина Делчево, преку  развој и унапредување на нови алтернативни форми на социјални  услуги, рече Трајковски

Традиционално, по повод 3 Декември и во рамките на „Деновите на хуманост-дарувај со љубов“, Општина Делчево повикува да се разбуди филантропијата и општествената одговорност на фирмите, но и да се разбуди свеста за лицата со попреченост и нивната интеграција во општеството.

Во таа смисла, градоначалникот на Општина Делчево донира средства за да се подобрат условите за престој на овие лица во Дневниот центар во Делчево во насока на подобро одржување на хигиената на просторот и инсталирање под кој ќе овозможи лесно одржување на чистотата во просториите што е согласно со протоколите за заштита од ковид 19.

– Денеска, кога целиот свет го одбележува Светскиот ден на лицата со посебни потреби, испраќам порака за поголема свест за лицата со посебни потребни, посебно, да се промовира подобро разбирање на полето на хендикеп, со фокус на нивните права и интеграција во општеството. И сето тоа што се промовира на овој ден и значајните  пораки од овој ден- да бидат наши водилки цела година, порача Трајковски.

Оваа година, поради актуелната пандемија, дел од планираните активности  во рамките на Деновите на хуманоста, нема да се одржат, дел ќе се имплементираат онлајн, но затоа јасно ќе се испрати пораката: подобро разбирање на полето на хендикеп, со фокус на правата на лицата со посебни потреби и придобивките кои ќе произлезат од процесот на интеграција на овие лица во секој аспект на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот во нивната заедница.

На темата „Различни, а сепак  исти “ во образовните институции ќе се реализираат разни содржини и изработки на часовите од воннаставните активности, а конкретен пример за интеграција на овие лица, ќе даде делчевската библиотека, каде на 3 Декември малата Лаура ќе биде библиотекарка и ќе издава книги на читателите, а во ликовното студио на Центарот за култура „Н.Ј.Вапцаров“ ќе се вклучат деца со посебни потреби кои ќе ги учат техниките на сликарството.

Денови на хуманост „Дарувај со љубов“ се организираат по повод Светскиот ден посветен на лицата со попреченост, 3 Декември, во партнерство со образовните институции и детската градинка, ЈЛБ „Илинден“, НУЦК „Н.Ј.Вапцаров“ Дневниот центар за лица со посебни потреби од Делчево, ЗГ„Бравура кооператива“, како и Комисијата за еднакви можности.

Во Делчево не е непозната формата на донирање, односно општествена одговорност на фирмите. Минатата година, фирмата „Брегал“ донираше за потребите на Дневниот центар електрично комбе за превоз на децата со попреченост, претходно со поддршка на швајцарската фирма „Албиро“, партнер на делчевската текстилна фирма „Крзно“, беше набавено комбе за превоз на децата од Дневниот центар во Делчево, а собраните средства од хуманитарните акции се инвестираа во набавка на компјутери и друга опрема за потребите на центарот. Исто така, преку проект на ИПР во Дневниот центар беше отворена сензорна соба.

0Shares
0
Големина на фонт
Контраст