Шампионките од ЖКК „Патриот 2016“ на прием кај градоначалникот Трајковски

  • Новости

Делчевските шампионки од ЖКК „Патриот 2016“ кои деновиве ја освоија шампионската титула во М-12 кошаркарската лига на Македонија, денеска беа примени од градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски.

На средбата на која присуствуваа и тренерот на клубот Љупчо Петровски-Клубски и претставник од раководството на клубот, Марјан Јовановски, се разговараше за успехот на девојките, неизвесниот тек од натпреварот за титулата, за подготовките на екипата за првенството, но и за проблемите и предизвиците на спортот во Делчево, посебно на женската кошарка.

Трајковски истакна дека освојувањето на шампионската титула во М-12 кошаркарската лига на Македонија, е доказ дека кога се работи со љубов, со ентузијазам, посветено и дисциплинирано, резултатите се неизбежни.

– Ми претставува чест што денеска бев домаќин на делчевските шампионики. Девојките од КК „Патриот 2016“ повторно докажаа дека овој клуб ги има шампионките во женската кошарка. Минатата година нè направија горди девојките од овој клуб од лигата М-16, а годинава ја славиме победата во лигата М-12. Уште еднаш испраќам честитки до делчевските кошаркарки и тренерот Петровски и им се заблагодарувам за радоста која ни ја приредија и со која Делчево се задржува на високото место на македонската женска кошарка. Ова е успех кој треба да го следат сите спортисти и сите клубови од нашиот град. Логистиката и поддршката од мене како градоначалник, а секако и од Општина Делчево, ја имаат во континуитет. Очекувам, оваа млада генерација кошаркарки да продолжи да работи, да созрева, да реди успеси и да ги гледаме и во дресот на македонската кошаркарска репрезентација,рече Трајковски.

Тренерот, Љупчо Петровски-Клубски, верува дека оваа генерација делчевски кошаркарки ќе биде дел од македонската женска кошаркарска репрезентација.

–Имаме дечиња со 10 и со 11 години кои настапуваа во оваа лига. Ова се девојчиња со менталтитет на победници и со оваа екипа имавме 15 натпревари од кои само еден пораз. Значи успехот не е случаен, туку резултат на голема работа и пожртвуваност. Во нашата екипа градиме вистински личности, ние сме екипа и сите 18 беа на финалето и полуфиналето. Сите родители не поддржаа иво Скопје и на 5 минути пред крајот водевме со 20 разлика, истакна Петровски.

Делчевките шампионки на градоначалникот Трајковски му подарија кошаркарски дрес од клубот со бр. 1.

Во знак на благодарност за успехот, Градоначалникот Трајковски додели благодарници на сите кошаркарки од екипата и на тренерот Петровски за особен придонес во развојот на женската кошарка во Делчево.

Shares