Во Делчево одбележана годишнината од убиството на Гоце Делчев

Со пригодна свеченостОпштина Делчево одбележа 119  години од убиството на македонскиот револуционер и патрон на градот, Гоце Делчев, кој на денешен ден во 1903 беше убиен од турската војска во селото Баница.

По тој повод, пред споменикот на револуционерот во центарот на градот се поклонија и свежо цвеќе положија делегација од Општина Делчево предводена од градоначалникот Горан Трајковски, делегација од Советот на Општина Делчево, предводена од претседателот на Советот, Гоце Попов, како и претставници на политички партии, институции и здруженија на граѓаните. Во рамките на одбележувањето, членовите на КУД „Гоце Делчев“ прочитаа реферат за животот и делото на Делчев.

Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

По убиството во 1903, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

0Shares
0